Ekipa
28 Декември 2019•Ажурирај: 30 Декември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Владата на Република Северна Македонија на својата редовна 174. седница одржана денеска, го утврди текстот на Предлог-законот за ратификација на Северноатлантскиот договор, потпишан во Вашингтон на 4 април 1949 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Предлог-законот за ратификација на Северноатлантскиот договор на нашата земја со НАТО, ќе биде пуштен на усвојување во Собранието на РСМ“, се вели во соопштението на Владата.
Како што се додава од Владата, тој се предвидува да стапи во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, по што ќе биде депониран во Вашингтон, откако Шпанија ќе го ратификува Протоколот за пристапување на РСМ во полноправно членство во Алијансата.
Инаку, од вкупно 29 членки на НАТО, Протоколот за Северна Македонија останува да го ратификува уште Шпанија.
За Северна Македонија да стане полноправна земја членка на НАТО, Протоколот за пристапување треба да биде ратификуван во парламентите на сите земји членки на Алијансата.
Потсетуваме, земјите членки на НАТО го потпишаа Протоколот за пристапување на Северна Македонија во оваа алијанса на 6 февруари оваа година.