Husamedin Gina
05 Јануари 2021•Ажурирај: 06 Јануари 2021
СКОПЈЕ (АА) – Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, порача дека 2021 година е година на вистински предизвик и година на заживување на економијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министерот за финансии, Фатмир Бесими, денеска одржаа заедничка-прес конференција.
Премиерот Заев, истакнувајќи дека во новата година сите се надежни дека пандемијата ќе стивне и дека постепено ќе се врати вообичаениот начин на живот, рече дека во новата година повторно ќе се вложи во народот и ќе им се помогне на најпогодените од пандемијата.
Нагласи дека државата е тука да им помогне на сите и да ги зачува работните места, и додаде дека буџетот е избалансиран со фокус на здравствениот систем, економијата, капиталните инвестиции.
„2021 година е година на вистински предизвик, година на заживување на економијата, година на квантен економски скок за сите граѓани“, порача Заев.
Тој, исто така, наведе дека создаден е одговорен буџет, креиран за да одговори на предизвиците во новата година, и дека со подобар стандард Европа ќе се донесе дома, што, како што истакна, значи подобар живот за секој граѓанин.
Премиерот рече дека клучен капитален проект е Коридорот 8, главната артерија која инфраструктурно ја претставува Северна Македонија како крстопат помеѓу соседите, а ги поврзува Јадранското Море и Црното Море.
Заев исто така нагласи дека во новата година ќе се инвестира во патната и железничката инфраструктура, гасовод, училиштата и во болниците.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, на прес-конференцијата ги презентираше остварувањата во однос на буџетот, што ги претставува економските текови и политики во 2020 година, а исто така е и основа за економскиот раст и политиките во 2021 година.
„Изминатата 2020 година беше исклучително тешка година во целиот свет, вклучително и за нас. Од здравствен, економски и социјален аспект. Се случи најголемата светска економска и здравствена криза на светско ниво“, рече Бесими.
Наведувајќи дека заштитата на здравјето на граѓаните, поддршката на стопанството и зачувувањето на работните места остануваат главни цели во фискалната политика и на светско ниво, министерот Бесими потсети дека обезбедена е директна финансиска поддршка за околу 500 илјади граѓани најпогодени од кризата.
Одговарајќи на новинарското прашање „Кога ќе стартуваат економските мерки најавени за новата година, вклучително и петтиот пакет на кризни мерки“, премиерот Зоран Заев рече дека по божиќните празници, во текот на јануари ќе почнат консултации со синдикатите, коморите, граѓанскиот сектор за да се димензионираат следните пакети за помош, а на почетокот на февруари да се донесат самите мерки.
Во однос на набавените вакцини и за тоа кој прв ќе се вакцинира, Заев рече дека очекува овие денови да ја види солидарноста на Европската Унија, и дека ќе се реализира регуларна, регулирана постапка за испорака на вакцините, бидејќи бројката од околу 6.000 вакцини не е доволна ниту за здравствените работници што работат со Ковид-19.