Husameddin Gina
26 Декември 2018•Ажурирај: 26 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) – Премиерот на Република Македонија Зоран Заев денеска истакна дека за сега не планира поголема реконструкција на Владата, како и дека причините за разрешување на двајцата министри во Владата, Аднан Ќахил и Аксел Ахмедовски, се политичките партнери, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Заев ова го истакна денеска, одговарајќи на новинарски прашања по презентацијата на проектите од вториот инвестициски бран од Планот за економски раст.
„Не планирам поголема реконструција на Владата, барем засега. Причините коишто се за разрешување на двајцата колеги се од страната на политичките партиципиенти во власта или нашите политички партнери, се донесени одлуки од страна на раководството на тие партии и бараа соодветна замена“, нагласи премиерот Заев.
Тој, истакнувајќи го задоволство од работата и соработката со двајцата министри, рече:
„Верувам дека ќе се најдат можности за понатамошен нивен ангажман, веќе јас лично размислувам, следуваат разговори со двајцата досегашни министри. Верувам дека Парламентот ќе ја поддржи ваквата промена заради тоа што сме на крајот и политичка Влада“, рече Заев.
Собранието на Република Македонија за денеска ја закажа 77-седница на чиј дневен ред се предлогот на Владата за разрешување на Аксел Ахмедовски од функцијата министер без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија.
На дневен ред на Собранието е и предлогот на Владата за разрешување на Аднан Ќахил од функцијата министер без ресор задолжен за странски инвестиции во Владата на Република Македонија.
Премиерот Заев повтори дека дефинитивно не се кандидира за претседател на државата и порача дека е добро да се разгледаат други кандидати.
Во однос на потребниот цензус за избор на претседател на Македонија, премиерот Заев верува дека ќе се постигне и дека претседателот ќе се избере во еден компетитивен натпревар меѓу повеќе кандидати.
Цензусот за избор на претседател на државата е 40 отсто, односно потребна е излезност од најмалку 720 илјади гласачи. Претседателските избори во Македонија, би требало да се одржат напролет наредната година.