Admir Fazlagic
11 Јули 2017•Ажурирај: 11 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Службата за информирање на Владата на Република Македонија денеска соопшти дека претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, синоќа остварил телефонски разговор со потпретседателот на САД, Мајк Пенс, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението стои дека американскиот потпретседател ги поздравил процесите што ги започнала новата Влада за демократија, слобода и правда во Република Македонија.
„Потпретседателот Пенс ги оцени чекорите на новата Влада на полето на добрососедските односи како меѓународни успеси. Потпретседателот Пенс изрази поддршка на Планот 3 – 6 – 9 што го усвои Владата за реализација на итните реформски приоритети. Исто така американскиот потпретседател пренесе поздрави до премиерот Заев, новата Влада и граѓаните на Македонија од претседателот на САД, Доналд Трамп и од американската администрација", се вели во соопштението.
Претседателот на Владата на Република Македонија, Заев, по тој повод изразил благодарност за големата пријателска поддршка што ја има Македонија од Соединетите Американски Држави во сите важни процеси за државата, како и во остварувањето на стратешките цели, интеграција во НАТО и во ЕУ.
„Цврсто сме определени кон демократските вредности. На тој пат, силно сме инспирирани од САД, како вистински пример за држава којашто се темели на базичните демократски придобивки, слобода, демократија и правда“, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев констатирал дека членството на Црна Гора во НАТО е охрабрување за целиот регион и дека Република Македонија со силната посветеност кон реализацијата на потребните реформи, се надева дека ќе биде следната земја членка на Алијансата.
„Разговорот помеѓу претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и потпретседателот на САД, Мајк Пенс, се одвиваше во искрена и пријателска атмосфера. И американскиот потпретседател Пенс и премиерот Заев изразија позитивни очекувања од престојната средба што треба да се случи на почеткот на август во Подгорица", инфомираат од прес службата на Владата на Република Македонија.