САРАЕВО (AA) - „Во минатата година трговската размена помеѓу нашите две држави достигна речиси 800 милиони американски долари, што е двојно повеќе во однос на состојбата од пред четири години“, порача претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ), Бакир Изетбеговиќ, по состанокот со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, кој се наоѓа во работна посета на БиХ, јавува Anadolu Agency (AA).
Потсети дека ова е вторпат оваа година да се состанува со турскиот претседател, еднаш во Истанбул и сега во Сараево.
„Турција и БиХ имаат одлични односи. Турција е со нас, со нашите аспирации кога е во прашање членството во ЕУ, НАТО, кога е во прашање економијата на БиХ. А БиХ е со Турција кога е во прашање тој дел на регионот. Ви честитаме на напорите која таму ја покажувате, стабилизирајќи ги состојбите, не само за Турција, туку и за целата Европа“, рече Изетбеговиќ.
Како што рече, Турција успеа да се грижи на хуман начин за бегалците.
„Се борите со терористите на ДЕАШ, ФЕТО, ПКК. Вашите воени акции коишто ги имавте на границите на Турција, немаа големи жртви, иако, воено беа многу успешни. Турција и БиХ имаат најголем број договори и поради тоа, економската соработка значително порасна. Во минатата година трговската размена помеѓу нашите две држави достигна речиси 800 милиони американски долари, што е двојно повеќе во однос на состојбата од пред четири години“, рече Изетбеговиќ.
Изразувајќи надеж дека новиот Договор за слободна трговија дополнително ќе ја зајакне оваа соработка, Изетбеговиќ истакна: „Така наскоро ќе ја надминеме трговската размена од милијарда евра.“
Како што рече тој, посебно е важен за БиХ, оној дел од Договорот, кој се однесува на квотите месо кои ќе бидат дефинирани и фиксирани на 8.000 тони годишен извоз за Турција по преференцијални цени.
Најзначаен проект за кој денеска разговарале е градењето на прстенот помеѓу Сараево и Белград. Изетбеговиќ рече дека студијата на изводливост која ја направи турската страна не е оптимистичка кога е во прашање јужниот крак, бидејќи нема доволно фреквенција преку Горажде.
„Веројатно ќе мора да се одлучиме да одиме на нешто поевтина варијанта на брз пат“,нагласи Изетбеговиќ.
Најави и тендер, веќе летово, со кој ќе се одредат инвестициите, односно изведувач на работите. Рече дека денеска е потпишано и писмо на намери.
„Даваме поддршка за продолжување на билатералната соработна на БиХ, Турција и Србија, и се надеваме дека летово ќе имаме состанок во таа смисла. Посетата која требаше да биде официјална, претворена е во работна“, појасни претседавачот на Претседателството на БиХ, наведувајќи дека има уште време во јули или во август да се направи и официјална посета.
Според неговите зборови, турската кредитна линија даде извонредни ефекти и вработи илјадници повратници од Република Српска и Федерацијата БиХ.
„Мислам дека наскоро ќе има одговор од турската страна и дека таа линија ќе биде продолжена“, рече Изетбеговиќ.
Претседавачот на Претседателството на БиХ го запозна турскиот претседател Ердоган за ситуацијата во БиХ, а смета дека сликата која оди во светот е полоша отколку што е тоа реално.
„Го следиме регионот кога е во прашање економијата, никаде не заостануваме. БиХ е најмалку задолжена земја во целата Европа“, додаде Изетбеговиќ.
Ердоган, по состанокот во Претседателството на БиХ ќе положи цвеќе на гробот на првиот претседател на БиХ, Алија Изетбеговиќ, а потоа ќе присуствува на 6. по ред Конгрес на Унијата на европско-турските демократи (УЕТД), кој ќе биде одржан во Олимписката сала „Хуан Антонио Самаранч“ во Сараево.
По Конгресот, претседателот на Република Турција ќе го посети и Интернационалниот универзитет во Сараево каде што ќе му биде доделен почесен докторат.
Во текот на денешната посета предвидена е прошетка низ Стариот Град на Сараево.
Во посетата на БиХ, допатува и сопругата на турскиот претседател, Емине Ердоган, заменик-премиерот на Република Турција, Хакан Чавушоглу, министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, министерот за економија, Нихат Зејбекчи, министерот за спорт и млади на Република Турција, Осман Аскин Бак, министерот за култура и туризам, Нуман Куртулмуш, министерот за сообраќај, поморство и комуникација, Ахмет Арслан и претседателот на Управата за верски работи на Турција (Дијанет), Али Ербас.