Bekim Laci
30 Септември 2018•Ажурирај: 01 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - Стотици граѓани организирани од страна на иницијативата „Бојкотирам“, се собраа пред Собранието на Република Македонија, за да го изразат, како што рекоа, нивниот ентузијазам поради неуспехот на референдумот за Договорот меѓу Македонија и Грција, јавува Anadolu Agency (AA).
Обраќање имаше претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, кој истакна дека денес е еден голем ден за македонската историја, бидејќи биле заштитени името на државата и идентитетот на нацијата, за што треба да се биде горди како нација или граѓани на оваа земја.
Петров рече дека вечерва се собрале заедно со граѓаните против референдумот за промена на името на Република Македонија, при што, како што рече, усвоиле една декларација.
„Ги отфрламе резултатите од референдумот за промена на името на државата одржан на 29 и 30 септември 2018 година, објавени од Државната изборна комисија, и ги сметаме за груб фалсификат на слободно изразената волја на народот и граѓаните“, нагласи Петров, и додаде:
„Објавуваме дека одлуката за членство на Македонија во ЕУ и НАТО Алијансата со прифаќање на Договорот Димитров - Коѕијас, за промена на името на државата и идентитетот на нацијата, донесена од Собранието, не е усвоена на денешниот референдум.“
Инаку, за време на одржувањето на протестот, кој помина мирно, безбедноста на Собранието ја осигуруваа бројни полициски сили.