Diyar Güldoğan
23 Јули 2024•Ажурирај: 24 Јули 2024
ВАШИНГТОН (АА) - Потпретседателката на САД, Камала Харис, вчера ја обезбеди поддршката од мнозинството делегати на Демократската национална конвенција за да стане демократски кандидат за претседател, известува Анадолу.
Повеќе од 2.200 делегати од повеќе од 30 сојузни држави ѝ дадоа поддршка на американската потпретседателка.
„Вечерва сум горда што ја добив потребната поддршка за да станам кандидат на нашата партија и, како ќерка на Калифорнија, горда сум што делегацијата на мојата матична држава помогна нашата кампања да биде на врвот“, објави Харис на платформата Х.
Харис рече дека во наредните месеци ќе патува низ земјата и ќе разговара со Американците за сѐ.
„Имам намера да ги обединам нашата партија и нашата нација и да го победам Доналд Трамп“, додаде таа.
Американскиот претседател Џо Бајден во неделата објави дека се откажува од својата кандидатура за реизбор откако сопартијците изгубија верба во неговата способност да го победи Доналд Трамп и ја поддржаа потпретседателката Камала Харис да го замени како претседателски кандидат.
Тој најави дека ќе остане на функцијата до крајот на мандатот на 20 јануари 2025 година.