Furkan Abdula
17 Ноември 2023•Ажурирај: 18 Ноември 2023
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во рамките на работната посета на Белград оствари средба со претседателката на Владата на Србија, Ана Брнабиќ, пренесува Анадолу.
Според владиното соопштение, на средбата присуствувале и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Од Ковачевски и Брнабиќ поздравен е одличниот развој на билатералните односи и констатирано е дека просперитетот и стабилноста на целиот регион, како и неговата европска интеграција, се засновани врз добрите билатерални односи, поради што, истакнато е дека од исклучителна важност е двете земји континуирано да работат на нив и успешно да ги надминуваат сите разлики.
На средбата направен е пресек на актуелните и претстојните активности и проекти меѓу двете земји, со акцент на економски и инфраструктурен план.
„Дел од меѓусебните заложби за засилување на соработката е и денешното потпишување на Меморандумот за соработка за воспоставување железничка мрежа со високи перформанси. Овој Меморандум е уште една можност, во рамките на иницијативата Отворен Балкан, да се овозможи брз транспорт на стока не само низ земјите на Западен Балкан туку и кон земјите членки во ЕУ“, се вели во соопштението.
На средбата станало збор и за претстојните активности за проширување на инфраструктурната соработка, со конкретни планови и активности во следниот период.
Премиерите разговараа и за одржувањето на специјализираната меѓународна изложба ЕКСПО 2027 во Белград, на која ќе биде соодветно претставена и Северна Македонија.