Abdula Berısha
21 Јануари 2020•Ажурирај: 22 Јануари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Вицепремиерот за европски прашања во Владата на Република Северна Македонија, Бујар Османи, ја посети Државната изборна комисија (ДИК) за да ги следи подготовките за предвремените парламентарни избори коишто се предвидени да се одржат на 12 април, јавува Агенција Анадолија (AA).
На прес-конференција, вицепремиерот Османи истакна дека состанокот има за цел да ги координира активностите на ДИК и Владата за да се овозможат слободни, фер и демократски избори.
Потсетувајќи дека Европската Унија (ЕУ) не успеа да постигне консензус за да донесе одлука за почеток на преговорите, Османи ја истакна важноста за одвивање на „најдобар можен изборен процес во историјата на изборните процеси“, што според него, би влијаело на имиџот на Северна Македонија пред земјите на ЕУ.
„Она што ќе го направиме ние од денеска, како техничка Влада, но и како институции, како различни комисии кои имаат одговорност за организирање на изборниот процес, ќе има директно влијание врз имиџот, впечатокот што ќе го создадеме кај сите земји на ЕУ, вклучително и кај оние кои се повеќе колебливи, вклучително и кај оние на кои понекогаш им е потребно дури и мало алиби да го продолжат или да го попречуваат овој процес“, рече Османи.
Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, исто така ја истакна одговорноста на сите институции во изборниот процес, додавајќи дека изборите треба да бидат совршени и дека не треба да остават простор за алиби.
„Пред нас претстои еден период во којшто треба сите кои сме учесници во овој процес да си ја земеме сопствената одговорност пред себе, пред граѓаните и пред државата, и да го изведеме овој процес навистина на најбеспрекорен начин. Да не дадеме алиби и аргумент никому да каже дека изборите биле вакви или онакви, туку да биде тоа една нормална постапка во која граѓаните го остваруваат своето право на глас“, рече Деркоски.
За време на состанокот на партиските лидери одржан во октомври минатата година, а свикан во октомври од претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, тие се согласија предвремените парламентарни избори да се одржат на 12 април.
Според законите, 100 дена пред датумот на изборите, односно на 3 јануари, се формираше техничка Влада која има задача да ги спроведе изборите.