Husamedin Gina
28 Јануари 2022•Ажурирај: 30 Јануари 2022
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, осврнувајќи се на текот на разговорите и односите меѓу Скопје и Софија, рече дека никој не преговара за идентитетот, јазикот и другите идентитетски атрибути, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Османи денеска имаше излагање пред членовите на собраниската Комисија за надворешна политика, во кое информира за текот на разговорите и севкупните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.
Истакнувајќи дека државниот тим целосно се води од позициите, од нашата државна позиција, министерот Османи рече дека секое прашања во разговорите со Софија поминува низ неколку филтри, како што се експертите и дипломатите во Министерството за надворешни работи, професионалци кои во дипломатијата се занимаваат со овие прашања, независно кој е политичка власт во државата.
„Кога сме кај чувствителните прашања, сакам јасно и гласно да повторам – никој не преговара за идентитетот. Јазикот и другите идентитетски атрибути се прашања кои произлегуваат од правото на самоопределување на секој човек, на секој народ, на секоја етничка заедница, на секоја држава, и тоа е неприкосновено право посилно од кое било друго право. За овие прашање ниту сме преговарале, ниту имаме право да преговараме, ниту некој некогаш ќе преговара“, нагласи министерот Османи.
Истакнувајќи дека во разговорите нема ништо спектакуларно со кое треба да ги плашиме граѓаните, Османи нагласи:
„Разговорите се сѐ уште во фаза на размена на идеи, нон-пејпери, работни документи, па и обични разговори, и затоа сѐ уште не сме во можност да ги претставиме овде, тоа не се договорени предлози. Не можете во сред разговори да ги претставувате нецелосните работни документи, затоа што така ги нарушувате разговорите.“
Министерот, исто така, додаде дека во првиот момент кога ќе се стигне до ситуација работните верзии да станат прифатливи за двете страни, пред да се одобрат или стават во функција, писмено ќе бидат доставени и до Комисијата и до пратениците.