Furkan Abdula
31 Март 2023•Ажурирај: 01 Април 2023
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, упати честитки до Финска по повод ратификувањето на Протоколот за членство на Финска во НАТО од сите земји членки на Алијансата, пренесува Анадолу.
„Историски ден за Алијансата – честитки за Финска и за сите НАТО-сојузници“, напиша Османи на социјалните мрежи.
Тој рече дека со вчерашната ратификација на Протоколот за членство на Финска во Алијансата од Парламентот на Туркије се заокружи целиот процес на ратификација со што Финска станува 31. земја членка на НАТО.
„Во денешната сложена безбедносна архитектура на континентот ова претставува еден од најзначајните чекори за единството на сојузниците и за зајакнување на трансатлантската стабилност“, рече тој.
„Очекуваме наскоро и апликацијата на Шведска да го заокружи овој процес, со што целосно ќе се заокружи источното крило на Алијансата по целата оска север – југ. Република Северна Македонија останува силен поддржувач на политиката на отворени врати на НАТО како една од најуспешните политики на Алијансата и значаен влог во создавањето на новата безбедносна архитектура на Европа“, додаде Османи.