Abdula Berisha
01 Април 2019•Ажурирај: 02 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) - Мисијата на ОБСЕ во Скопје организира регионална конференција на тема „Зајакнување на капацитетите на координативните центри за интегрирано гранично управување“ што ќе се одржи на 1 и 2 април, а конференцијата ја отворија премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Заев истакна дека дел од модерната реалност се и нелегалните прекугранични активности, за кои се неопходни соодветни одговори. Заев додаде дека слободниот проток на луѓе и производи низ границите треба да биде максимално ефикасен, истакнувајќи дека мерките за борба против организираниот криминал треба да бидат двојно поефикасни.
„Ефикасен одговор на овие прашања дава интегрираното гранично управување на национално ниво. Бидејќи станува збор за глобални феномени кои се однесуваат на сите земји од нашиот регион, како императив се поставува неопходноста од соработка на заедничките гранични и безбедносни предизвици како клучно за подобрување на регионалната стабилност на Западен Балкан“, рече Заев.
Премиерот на Северна Македонија, исто така, истакна дека Западниот Балкан е порта на Европската Унија (ЕУ) и на овој начин е главната точка на нелегалните прекугранични активности, како што се организираниот криминал, илегалната емиграција, трговијата со луѓе, оружје и дрога, но и на тероризмот.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која, рече дека конференцијата има за цел да ја засили соработката меѓу агенциите спроведувачи на законот, како и, како што истакна, регионалната соработка во размената на информациите во борбата против прекуграничниот криминал.
„На оваа конференција ќе се дискутира за начините за зголемување на ефикасноста во размената на информациите и податоците во регионот, како и размена на искуствата. Исто така ќе се дискутира за подобрување на професионалните стандарди на службениците на граничната контрола во регионот“, рече Која.
На отворањето на регионалната конференција, на присутните им се обрати и директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски, којшто рече дека институцијата со која раководи го поддржува концептот за интегрирано гранично управување затоа што преку овој концепт се постигнува рамнотежа меѓу граничната контрола и слободното движење на граѓаните и производите.