Husamedın Gına
12 Февруари 2020•Ажурирај: 13 Февруари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска го потпиша указот за прогласување на Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор, јавува Агенција Анадолија (АА).
По потпишувањето на указот за прогласување на Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор, претседателот Стево Пендаровски рече: „На ова чекавме речиси 30 години, ама се исплатеше, нека ни е со среќа.“
Вчера Собранието на Република Северна Македонија со 114 гласа „за“ го усвои Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор.
Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор е со одложено дејство, односно ќе има важност откако и последната земја членка на Алијансата, Шпанија, ќе го ратификува Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО. Гласањето за овој договор со одложено дејство е затоа што Собранието на Северна Македонија треба да се распушти пред одржувањето на предвремените парламентарни избори предвидени за 12 април оваа година.
Потсетуваме, Северна Македонија на 12 јули 2018 година на Самитот на НАТО во Брисел доби повик да стане членка на Алијансата. Потоа, Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО е потпишан во седиштето на НАТО во Брисел во февруари минатата година. Оттогаш почна процесот на ратификација на овој Протокол во парламентите на земјите членки на Алијансата. Досега Протоколот го ратификуваа 28 држави, додека Шпанија, по формирањето на Владата го започна тој процес кој нема да биде завршен пред распуштањето на Собранието на Северна Македонија.
Според изјавите на претставниците на државниот врв на Северна Македонија, се очекува Северна Македонија официјално да стане членка на НАТО во текот на месец март оваа година.