Abdula Berisha
07 Ноември 2022•Ажурирај: 09 Ноември 2022
СКОПЈЕ (АА) - На покана на премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во Собранието денес се одржа лидерска средба на претседателите на парламентарните партии, јавува Агенција Анадолија (АА).
На средбата беа присутни поголемиот дел од претседателите на парламентарните партии, а присутен беше и претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Фокусот на средбата беше ставен на европската иднина на земјата и на одлуките што во наредниот период треба да се донесат во Собранието со широк политички и општествен консензус, односно потребата за усвојување на уставните измени согласно со преговарачката рамка усвоена од Европската Унија (ЕУ).
По завршувањето на средбата, премиерот Ковачевски рече дека на присутните претседатели на парламентарните партии им се предадени предлог-заклучоци, но дека тие предлог-заклучоци не биле усвоени.
Тој истакна дека полноправното членство во ЕУ е стратешка цел на земјата, додавајќи дека процесот на европеизација не е проект на една поединечна политичка партија.
„Потребна ни е инклузивност и по темата за ЕУ секако, а не терен за политички борби и пресметки. Не смееме да дозволиме уставните измени на кои се обврзавме со европскиот предлог со заклучоците од Собранието, да бидат пречка која самите ќе си ја поставиме. За прв пат одлуките зависат само од нас, а блокадата ако се случи, ќе ја направиме ние“, рече Ковачевски.
Претседателот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, во својата изјава обвини дека власта со уставните измени сака да ја дефокусира јавноста од, како што кажа, реалните проблеми, односно покачувањето на цените и енергетската криза.
Што се однесува до уставните измени, тој рече дека е јасно дека владејачкото мнозинство нема 2/3 од 120 пратеници, и притоа изјави дека побарал предвремени парламентарни избори.
„Мнозинството нема мнозинство за уставни измени и водејќи се од овој заклучок, логичен след на настаните е Парламентот да се распушти, да формираме техничка влада и да одиме на предвремени парламентарни избори“, рече Мицковски.
Тој исто така истакна дека нема услови за консензус и дека нема да присуствува на идна средба на која би се разговарало за уставните измени.