Davit Kachkachishvili
04 Април 2016•Ажурирај: 05 Април 2016
ТБИЛИСИ (АА) - Поранешниот претседател на Грузија и гувернер на украинскиот град Одеса, Михаил Сакашвили, смета дека судирите на границата меѓу Азербејџан и Ерменија се провокација од страна на рускиот претседател Владимир Путин насочена кон Азербејџан и Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Според напишаното од страна на Сакашвили, на својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук, Путин е одговорен за судирите на линијата од фронтот меѓу Азербејџан и Ерменија.
„Настаните последниве неколку дена многу наликуваат на провокација насочена кон Азербејџан и Турција. Но во исто време овие настани ѝ штетат на Ерменија. Москва подолг период се подготвува за ваков тек на настаните. Русија за да може што е можно побргу да го окупира Азербејџан, од Дагестан кон границата со Грузија изгради нов пат. Русија ги вооружува и двете страни интензивно“, напиша Сакашвили.
Сакашвили смета дека Русија сака да заштити одредени свои стратегиски цели и дека основна цел на Русија е со саботажи да ги заземе нафтените линии кои минуваат низ територијата на Азербејџан и со тоа да ја лиши Европа од азербејџанската и туркменистанската нафта.
„Оваа ситуација може да го донесе во многу незгодна ситуација претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев, кој досега водеше независна политика. Да се потсетиме дека Русија ги има нападнато и нафтоводни линии кои од Грузија одеа кон Турција“, рече Сакашвили во својата изјава.
Поранешниот претседател Сакашвили изјави дека Путин има за цел да ја постави Турција во тешка положба со тоа што во исто време Анкара би била ангажирана на два фронта.
Потсетувајќи дека оваа година во Грузија ќе се спроведат генерални избори, Сакашвили посочи дека Русија сака да ја искористи во свои цели затегнатата состојба во регионот и да ѝ се закани на Грузија со присуството на своите воени сили.
За опасната ситуација, Сакашвили вели дека предупредил голем дел од европските лидери, тврдејќи дека е можно Путин наскоро да ја изгуби власта. Тој истакна дека е потребно лидерите на државите од регионот да бидат трпеливи, да ја чекаат својата шанса и ја изрази потребата од постигнување договор за прашањето на територијалниот интегритет.