Abdula Berisha
25 Јануари 2022•Ажурирај: 26 Јануари 2022
СКОПЈЕ (АА) - Владина делегација предводена од премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, вчера и денеска престојува во Софија, каде што се одржа меѓувладина пленарна седница меѓу владите на двете соседни земји, јавува Агенција Анадолија (AA).
Со седницата копретседаваа премиерот Ковачевски и неговиот бугарски колега, Кирил Петков.
Бугарскиот премиер на заедничката прес-конференција соопшти дека се потпишани три меморандуми во значајни области, како што се земјоделството, малите и средни претпријатија и развојот на железничката линија Скопје - Софија.
Тој исто така рече дека ова е пример за новиот пристап на владите на двете земји, нагласувајќи дека различни министерства презентирале 10 конкретни задачи и рокови за нивна реализација.
„Ме радува тоа што можам да кажам дека следната средба е само по една недела, и тоа ќе биде ниво на динамика што се очекува од работните групи. Исто така, сакам да забележам дека и историската група кажа дека ќе има барем три средби во следните четири месеци со многу интензивна работа помеѓу средбите“, рече Петков.
Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, истакна дека различните групи имаат конкретни планови за активности што треба да ги реализираат, додавајќи дека во групите ќе има и претставници на стопанските комори или образовните институции.
Тој рече и дека се разговарало и за отворените политички прашања, додавајќи дека и во овој аспект има нова динамика.
„Јас би оставил процесите да течат, да работиме, да разговараме помеѓу себе, да ја вратиме и градиме довербата и да одиме секогаш чекор напред, заедно“, рече Ковачевски.
Владите на двете земји минатата недела најавија поинтензивна динамика за решавање на отворените прашања за време на посетата на бугарската делегација предводена од премиерот Кирил Петков во Скопје.
Северна Македонија и Бугарија во 2017 година потпишаа Договор за добрососедски односи, но сè уште останува нерешен спорот околу заедничката историја. Бугарија не ја одобрува преговарачката рамка на Северна Македонија со Европската Унија затоа што не ги одразува бугарските барања.
Потсетуваме, во 2020 година во месец март, земјите членки на Европската Унија (ЕУ) постигнаа согласност за почеток на преговори за приклучување на Северна Македонија и Албанија.
Коалициската Влада на поранешниот премиер Бојко Борисов ѝ приложи на Европската Унија документ во кој ги наведе условите што Владата на Северна Македонија треба да ги исполни. Подоцна, односно во ноември 2020 година, Бугарија стави вето на преговорите за приклучување на Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ).