Ekipa
24 Ноември 2019•Ажурирај: 25 Ноември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, на маргините на Регионалниот форум за млади во Нови Сад, оствари средба со премиерката на Србија Ана Брнабиќ, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Заедничката заложба за континуитет во градењето на добрососедските односи и нивното натамошно унапредување како придонес кон стабилноста, безбедноста и просперитетот на регионот, била централната тема на средбата, соопштија од Кабинетот на премиерот.
„На средбата меѓу премиерите Зоран Заев и Ана Брнабиќ стана збор и за акцискиот план за имплементација на декларацијата за унапредување на регионалната соработка којашто иницијатива на Северна Македонија, Србија и Албанија, се донесе во Охрид, во проширен формат за да се засили слободниот проток на луѓе, стоки, услуги и капитал, што треба да помогне кон забрзувањето на интеграцијата на регионот и полноправното членство во ЕУ“ се додава во соопштението.
Се нагласува дека на средбата во Нови Сад премиерите се согласиле дека е потребно интензивирање на комуникацијата за идентификација на заедничките интереси и заеднички настап со цел добивање поддршка за реализација на транспортни, инфраструктурни и енергетски проекти и иницијативи од обостран интерес, со регионален предзнак.