Husameddin Gina
22 Октомври 2018•Ажурирај: 22 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, денес имаше средба со заменик-помошникот државен секретар на Соединетите Американски Држави (САД) за Европа и Евроазија, Метју Палмер, кој престојува во работна посета на Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
„На средбата е разговарано за евроатлантските перспективи на земјата, како и за актуелните политички состојби во Република Македонија и во регионот“, се вели во соопштението на МНР.
Министерот Димитров упати благодарност за континуираната американска поддршка на евроатлантските интеграции на Република Македонија. Тој нагласи дека граѓаните на Република Македонија ја гледаат иднината на својата земја во евроатлантското семејство и изрази уверување дека успешно ќе го изодиме патот кон заслуженото место во НАТО и во Европската Унија.
Според соопштението, Димитров и заменик-помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Метју Палмер, разговарале и за тековните аспекти на процесот за пристапување на Република Македонија во НАТО, како и за неодамнешниот прогрес во однос на постапката за уставни измени во Парламентот, со цел успешна имплементација на Договорот со Грција и зачленување на Република Македонија во Алијансата како нејзина 30-та земја членка.