02 Септември 2019•Ажурирај: 03 Септември 2019
БЛЕД (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров, денеска на почетокот од 14. Бледски стратешки форум оствари билатерална средба со домаќинот Миро Церар, министер за надворешни работи на Република Словенија, на која беа потврдени традиционално блиските и пријателски односи меѓу двете земји, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението од Министерството за надворешни работи, на средбата министерот Димитров детално го информирал својот словенечки колега за изгледите и перспективите на евроинтегративните процеси на Северна Македонија, во светло на добивање позитивна одлука на Советот на ЕУ, во октомври оваа година.
„Конзистентната поддршка од Словенија и соработката на овој план е симбол на искрено пријателство и споделена европска визија. Словенечката приказна за европскиот успех е пример за целокупниот процес на проширување. Словенија беше првенец во тој контекст и инспирација за нас да целиме повисоко за да ги постигнеме нашите европски идеали. Благодарен сум и особено ја цениме вашата постојана поддршка и пријателство“, истакнува Димитров.
„На средбата се разменети и мислења за актуелните политички случувања во земјата и важноста на владеењето на правото, како гаранција за сигурноста на демократскиот пат“ се вели во соопштението и се додава дека министрите Димитров и Церар се согласиле дека перспективата на малите земји е европскиот наратив.
На маргините на Форумот, министерот Димитров денеска ќе се сретне со Метју Палмер, специјален пратеник на САД за Балканот, и со генералниот директор за политички прашања во британскиот Форин офис, Ричард Мур.