Tuğba Altun,Muhammet Tarhan
15 Мај 2025•Ажурирај: 17 Мај 2025
АНТАЛИЈА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан денес се сретна со американскиот државен секретар Марко Рубио на маргините на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО во турското летувалиште Анталија, известува Анадолу.
Турското Министерство за надворешни работи на платформата X објави дека состанокот се одржал во Конгресниот центар НЕСТ во Белек.
Според дипломатски извори, за време на состанокот биле дискутирани подготовките за посетите планирани да се одржат на ниво на шефови на држави.
На средбата била нагласена потребата да се даде приоритет на дијалогот и преговорите за завршување на војната во Украина, истакнувајќи ја важноста на неодамнешните дипломатски напори на Турција и САД.
Двете страни се согласиле дека ќе ги продолжат напорите за да се обезбеди страните да одржат директни разговори.
Во врска со ситуацијата во Газа, Фидан ја нагласи итната потреба од подобрување на хуманитарните услови и повика на заеднички напори за решавање на кризата.
За време на состанокот, станало збор и за преговарачкиот процес меѓу Вашингтон и Техеран во врска со нуклеарната програма на Иран, како и за ситуацијата во Сирија.
Изворите велат дека министрите разговарале и за важноста од намалување на тензиите и промовирање на стабилноста во Јужна Азија, а размениле и мислења за неодамнешните посети на американскиот претседател Доналд Трамп на земјите од Заливот.