Elena Trenchevska Chekovic
23 Јануари 2026•Ажурирај: 26 Јануари 2026
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, на маргините на Вториот министерски состанок на Балканската платформа за мир, кој денес се одржува во Истанбул, беше примен од министерот за надворешни работи на Турција, Хакан Фидан, пренесува Анадолу.
Фокусот на разговорите, според соопштението на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, е ставен на билатералните односи, економската соработка, инвестициските можности и продлабочувањето на соработката во области од заемен интерес.
Во тој контекст биле потврдени и одличните политички односи меѓу двете држави и исклучително успешната соработка во повеќе области, а посебен акцент е ставен на зајакнувањето на економската соработка и поефикасното искористување на инвестициските можности, како и на продлабочувањето на соработката во други области од заемен интерес.
„Двајцата министри го потврдија и силното сојузништво во рамките на НАТО, како и меѓусебната поддршка во регионалните иницијативи и мултилатералните организации“, се додава во соопштението.
На разговорите опфатени биле и актуелни регионални и геополитички прашања, при што била нагласена важноста од стабилен и просперитетен регион.