Admir Fazlagic
22 Март 2021•Ажурирај: 24 Март 2021
СКОПЈЕ
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, ја прекина денешната координација со пратениците, откако, како што рече, му биле поставувани ултиматуми од пратениците за учество на утрешната седница, јавува Агенција Анадолија (АА).
Џафери го изјави ова на прес-конференција по прекинувањето на координативната средба со пратениците од Собранието, истакнувајќи дека сака да ја запознае јавноста со работата и функционирањето на Собранието.
„Собранието како институција по Устав и по закон претставува највисок законодавен орган во државата и исто така е претставнички орган на граѓаните на РСМ и како таква институција ниту е на мнозинството ниту е на опозицијата. Впрочем, сите ние 120 пратеници доброволно прифативме да бидеме на партиските листи да учествуваме на изборите и под такви околности коишто беа во 2020 година за да обезбедиме соодветно функционирање на институцијата којашто има обврска да регулира работи коишто се во полза на граѓаните, а не на партиите“, истакна Џафери.
Тој рече дека имајќи ги предвид последиците од пандемијата и фактот дека пратениците и службата во Собранието не се имуни на нејзините последици, уште од почетокот на пандемијата предложил да се направат измени и да се овозможи онлајн учество на пратениците кои се во изолација поради Ковид-19, но дека опозицијата не го прифатила тоа.
Џафери рече дека е очигледно оти здравствената состојба на пратениците се злоупотребува и пред Собранието се поставуваат ултиматуми коишто не може да ги прифати.
„На 9 март свикав нова седница којашто треба да се одржи утре, на 23 март, на која се поставени 30 точки кои ги исполнуваат условите според Деловникот за разгледување на пленарната седница. На денешната координација имајќи ја предвид здравствената состојба на пратениците, меѓу нив и на двајца пратеници од мнозинството, дека се изолирани и спречени да учествуваат во утрешната работа на новата седница, како прва точка на координацијата го поставив прашањето по однос на кворумот, имајќи предвид дека од 62 од мнозинството двајца се изолирани, очигледно дека она што инсистира опозицијата дека мнозинството треба да обезбеди кворум, па да учествуваат во работата, почнаа да се поставуваат ултиматуми, односно условување“, рече Џафери и додаде:
„Впрочем, првата реакција беше на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, којшто укажа дека тие се подготвени да учествуваат и да направат кворум, но под услов. А условот беше од 30 точки на истиот дневен ред да останат точките 1, 9, 10 и 11, а другите точки да се тргнат од дневен пред. Прво, тоа е процедурално невозможно, затоа што седницата којашто е свикана е свикана со точките на дневен ред со решение за свикување и дополнување на истата и укажав дека доколку се воспостави таа пракса, а јас нема да дозволам да воспоставувам пракси кои во иднина ќе бидат правило за нови условувања и ја прекинав таа координација за да можам да ги запознаам граѓаните по однос на случувањата внатре меѓу нас.“
На прес-конференцијата Џафери апелираше до пратениците да бидат разумни и дека треба да работат во интерес на граѓаните бидејќи треба да се донесат закони коишто се во интерес на граѓаните, а дека ваквата моментална состојба во Собранието не им оди во прилог ниту на граѓаните, ниту на државата.
Според најавите од Собранието, утрешната седница нема да се одржи.