İlyas Tayfun Salcı
03 Март 2020•Ажурирај: 04 Март 2020
ЛОНДОН (АА) - „Амнести интернешнал“ (Amnesty International) соопшти дека Грција презема нехумани мерки против мигрантите кои се обидуваат да влезат во земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во писменото соопштение од „Амнести интернешнал“ се истакнува дека грчките власти одлучиле да ја запрат регистрацијата на барањата за азил на мигрантите, дека сакаат „ако е можно“ тие да се вратат во земјата од каде што потекнуваат и дека одлучиле на турската граница да спроведат воена вежба.
Исто така, во соопштението е истакнато дека грчката полиција употребила прекумерна сила против мигрантите кои се наоѓаат на границата и фрлале солзавец.
Во соопштението се наведува дека со нехуманите мерки за спречување да влезат во земјата, Грција го ризикува животот на мигрантите.
- „Јасно се крши меѓународното право“
„Несовесните мерки преземени од грчките власти јасно го кршат правото на ЕУ и меѓународното право и го ставаат во опасност човечкиот живот“, рече Еве Геди, директорката на европските институции на „Амнести интернешнал“.
Геди ја повика Грција да избегнува употреба на прекумерна сила и да осигура безбедни операции за пребарување и спасување на море.
Таа нагласи дека мигрантите не треба да се третираат како криминалци и како закана.
Геди, исто така, ја повика Комисијата на ЕУ да обезбеди неопходна помош за Грција и Бугарија за соодветен третман за бегалците.