Ahmet Gürhan Kartal
10 Март 2020•Ажурирај: 11 Март 2020
ЛОНДОН (АА) - „Бритиш ервејс“ ги откажа сите летови до и од Италија, поради прогласувањето на земјата за црвена зона, јавува Агенција Анадолија (АА).
Одлуката е донесена откако Италија прогласи дека е ограничено слободното движење за да се спречи понатамошното ширење на вирусот, кој досега во оваа земја одзеде речиси 500 животи.
„Во пресрет на објавата на италијанската Влада и советот на британската Влада во врска со патувањата, ги контактиравме сите клиенти што требаше да патуваат денес“, беше цитирана портпаролката на авиокомпанијата од страна на локалните медиуми.
„Секој патник што треба да лета во и од Италија во период од сега до 4 април, може да изврши повторна резервација на летот до крајот на мај, и да ја премести дестинацијата во Женева или Цирих или ќе добие целосна исплата“, изјави портпаролката.
Италија е една од најпогодените европски земји од коронавирусот.
Бројот на починати од вирусот се искачи на 4.027 на глобално ниво, вклучувајќи 3.136 во Кина, каде што вирусот за првпат се појави во декември.
Вирусот во Италија одзеде 463 животи, во Иран 236, во Јужна Кореја 54 и во САД 27.
Повеќе од 64.000 лица се пуштени од болница откако закрепнале од вирусот.
Како дел од напорите за спречување на појавата на епидемија, владите ги затворија границите и ги прекинаа копнените и воздушните патувања со најтешко погодените земји, вклучително и со Кина, Италија и Иран.