Mücahit Oktay
10 Февруари 2022•Ажурирај: 11 Февруари 2022
ЊУЈОРК (АА) - Во извештајот на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post) се наведува дека полицијата во земјата во 2021 година застрелала и убила 1.055 луѓе, што е највисока бројка од 2015 година, кога весникот почнал да води статистика, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според статистичките информации на весникот, минатата година американската полиција убила најмалку 1.055 луѓе за време на интервенцијата, а оваа бројка била 1.021 во 2020 година и 999 во 2019 година.
Во извештајот се нагласува дека од 2015 година американската полиција најмногу посегнала по смртоносно насилство во 2021 година.
Исто така, се истакнува дека бројот на Американци убиени од куршуми на оружјата на безбедносните сили е зголемен во последните седум години.
Ендрју Вилер, криминалистички научник од приватниот сектор и научник за податоци, нагласи дека и покрај реакциите на јавноста во последниве години, полицијата е „прилично доследна“ во смртоносното насилство.
- Од убиените од полициски куршуми во 2021 година, 94 отсто се мажи
Статистиката на „Вашингтон пост“ откри дека 94 отсто од убиените од полициски куршуми во 2021 година се мажи, а 85 отсто од нив биле вооружени во моментот на инцидентот.
Американската полиција во последните седум години убила 3 деца помлади од 10 години.
Според истиот извештај, околу 1 процент од 1.055 лица кои ги загубиле животите од полициски куршуми во 2021 година биле деца.
Откако полицијата во Минесота ја предизвика смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд во 2020 година, реакциите кон органите за спроведување на законот се зголемија.
Во различни држави беа презентирани повеќе од 400 предлог-закони за обука на полицијата и ограничување на нејзиното однесување.