Aysu Biçer
02 Јули 2025•Ажурирај: 05 Јули 2025
ЛОНДОН (АА) – Првпат во историјата на Данска жените се опфатени со задолжителна воена служба, како дел од новата политика за еднаквост на половите во регрутниот систем, јавува Анадолу.
Новата одлука стапи на сила вчера.
Оваа одлука произлегува од широка парламентарна поддршка во рамките на одбранбениот договор од 2023 година, кој има цел да го зајакне и изедначи системот на воен рок.
Според новите правила одобрени од Парламентот, младите жени ќе им се придружат на мажите во систем базиран врз лотарија, кој може да бара од нив да завршат период на регрутација.
Шефот на одбраната, генерал Мајкл Вигерс Хилдгард, ја поздрави реформата преку соопштение, велејќи дека таа одразува поинклузивна и модерна војска.
„Кога им ја отвораме вратата и на жените и на мажите под исти услови, го користиме целиот дански фонд на таленти. Тоа ни дава поголема борбена моќ - и праќа јасен сигнал дека вооружените сили се модерна заедница каде што секој може да придонесе за одбраната на Кралството Данска“, рече Хилдгард.
Според новата политика, воената служба ќе има и структурни промени. Почнувајќи од 2026 година, периодот на регрутација ќе биде продолжен на 11 месеци.
Данските жени сега може да бидат повикани на 11 месеци воена служба кога ќе навршат 18 години, по значајната промена во законот.
Првите пет месеци ќе се состојат од сеопфатна основна обука, со цел да им се обезбеди силна воена основа на регрутите.
Во другите шест месеци се вклучени оперативни должности во рамките на армијата, морнарицата, воздухопловните сили или командата за специјални операции.
Сепак, новите правила важат само за жени што ќе навршат 18 години на или по 1 јули 2025 година.
Жените што навршиле 18 години пред овој датум остануваат под претходниот систем, во кој воениот рок за нив беше доброволен.