Servet Günerigök
27 Ноември 2018•Ажурирај: 27 Ноември 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Договорот за Брегзит на Велика Британија може да ја попречи трговијата помеѓу Вашингтон и Лондон, можност што ја отфрла Лондон, јавува Anadolu Agency (AA).
Во изјавата за новинарите пред Белата куќа, пред заминувањето за Мисисипи, Трамп рече дека Договорот што британската премиерка Тереза Меј го постигнала со Брисел „звучи како одличен договор“ за ЕУ.
„Сметам дека треба сериозно да го разгледаме, дали на Велика Британија ѝ е дозволено тргување, бидејќи, ако сега го погледнете Договорот, таа можеби нема да може да тргува со нас“, рече Трамп.
„Тоа нема да биде добро. Сметам дека тие не го мислеле тоа, дека премиерката не го мислела тоа, и се надевам дека ќе може да стори нешто во врска со тоа“, истакна Трамп, додавајќи: „Како што е сега Договорот, тие можеби нема да можат да тргуваат со САД, а мислам дека тие не го сакаат тоа. Тоа би било многу негативно за Договорот.“
Кабинетот на Меј истакна дека Договорот ѝ овозможува на Велика Британија да потпишува трговски договори со земјите низ светот, вклучувајќи ги и САД.
„Ние веќе ја поставуваме основата за еден амбициозен договор со САД преку нашите заеднички работни групи, кои досега се состанаа петпати“, рече портпаролот на Кабинетот.
Во неделата, блокот на 27-те членки го одобри Договорот за повлекување на Велика Британија од Унијата и политичката Декларација за идните односи помеѓу ЕУ и Обединетото Кралство.
На членовите на британскиот Парламент им претстои турбулентен период, бидејќи во следните недели треба да гласаат за Договорот.