Şeyma Erkul Dayanç
05 Мај 2026•Ажурирај: 05 Мај 2026
Европскара Унија (ЕУ) денес соопшти дека ја продлабочува соработката со Ерменија во транспортот, енергетиката и безбедноста, откривајќи нови иницијативи за време на првиот самит ЕУ-Ерменија во Ереван, јавува Анадолу.
„Подготвени сме да работиме на обнова на граничните премини додека вашите граници со соседните земји повторно се отвораат“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Таа рече дека ЕУ потпишала партнерство за поврзување, со цел зајакнување на транспортните врски и интеграцијата на Ерменија во регионалните коридори, вклучително и Транскасписката маршрута.
Во однос на енергетската соработка, Фон дер Лајен кажа дека ЕУ ѝ помага на Ерменија да не зависи само од еден извор туку да користи различни извори на енергија за да биде посигурна.
„Ова веќе вклучува 25 милиони евра за преносните мрежи на Кавказ и инвестирање во системи за чување (складирање) енергија, со цел вашето снабдување да биде сигурно“, нагласи таа.
За безбедноста, таа најави дека новата партнерска мисија на ЕУ ќе ѝ помогне на Ерменија во справувањето со хибридните закани, странското мешање и дезинформациите, заедно со помошта во рамките на Европскиот мировен фонд.
„Ве поддржуваме во борбата против овие хибридни закани и дезинформации“, нагласи таа.
Фон дер Лајен рече дека визната либерализација останува приоритет за двете страни.
Исто така, таа посочи дека новиот аранжман со Фронтекс ќе ја зајакне соработката во областа на границите и миграцијата.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, изјави дека самитот претставува „важна пресвртница“ во односите меѓу ЕУ и Ерменија.
Тој рече дека ЕУ ја поддржува реформската агенда на Ерменија и дека подлабоката соработка во транспортот, енергетиката и дигиталното поврзување ќе помогне во зајакнувањето на довербата и економскиот развој, а истовремено ќе ја поддржи и регионалната стабилност.
Кошта додаде дека Ерменија станува „центар на поврзаност меѓу Европа и Азија“.
Одговарајќи на прашања за трговските односи меѓу ЕУ и САД, Фон дер Лајен изјави дека „договорот е договор“ и дека двете страни ги спроведуваат постојните обврски додека последните чекори сè уште се финализираат.