Safiye Karabacak
20 Ноември 2022•Ажурирај: 21 Ноември 2022
ГАЗА (АА) - Министерството за затвореници на Палестина објави дека Израел со приведување и измачување на децата и малолетниците го прекршил меѓународното право, известува Агенција Анадолија (АА).
Палестинското Министерство објави порака по повод 20 Ноември, Светскиот ден на правата на децата:
„Окупаторски Израел ги крши основните меѓународни закони и норми со приведување на палестинските деца, подложувајќи ги на тортура, неправедни судења и лишување на основните права.“
Во соопштението се наведува дека децата и малолетниците се изложени на сите облици на тортура, психичка и физичка злоупотреба и организиран криминал.
Палестинското Министерство тврди дека Израел од 1967 година досега привел околу 50.000 палестински деца.
Министерството ги повика меѓународните институции да вложат напори за да ги запрат овие трагични случаи поврзани со палестинските деца и да им овозможат водење достоинствен и сигурен живот како и на децата во светот.
Здружението на палестински затвореници објави дека од почетокот на 2022 година досега израелските сили привеле околу 750 деца, од кои 160 сѐ уште се во притвор.