Mustafa Deveci
10 Февруари 2020•Ажурирај: 11 Февруари 2020
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелски весник тврди дека американската администрација започнала иницијатива за состанок меѓу израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и саудискиот престолонаследник Мухамед бин Селман, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во текстот објавен во весникот „Израел Хајом“ (Israel Hayom) се наведува дека американскиот државен секретар Мајк Помпео разговарал со израелските и саудиските официјални лица за да се организира состанок меѓу Нетанјаху и Бин Селман.
Како што наведува овој израелски весник, кој се повикува на неименувани арапски официјални претставници, Помпео веќе неколку месеци вложува напори за реализирање на овој состанок.
Доколку Бин Селман се согласи, состанокот би можел да се одржи на арапско-израелскиот самит кој за неколку недели би требало да се одржи во Каиро, главниот град на Египет.
Израелските и саудиските официјални претставници сè уште не ги коментираа ваквите тврдења.