Ekip
18 Јуни 2026•Ажурирано: 18 Јуни 2026
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му рекол на американскиот претседател Доналд Трамп дека Израел нема да биде обврзан од договорот постигнат меѓу САД и Иран, објави Си-ен-ен денес, повикувајќи се на неименуван израелски функционер, пренесува Анадолу.
Функционерот истакна дека Нетанјаху се обидува да влијае врз тековниот 60-дневен процес на преговори, тврдејќи дека израелскиот премиер се обидува да го обликува конечниот договор користејќи десничарски медиумски личности и сенатори блиски до него за да изврши притисок врз Трамп.
Според функционерот, Нетанјаху бил убеден дека ќе нема конечен договор меѓу САД и Иран и дека Техеран нема искрено да прифати ограничувања за својата нуклеарна програма.
Функционерот, исто така, тврди дека Нетанјаху го информирал Трамп дека Израел не е обврзан од договорот, кој вклучува одредби за ставање крај на војната, вклучително и во Либан. Едно лице е убиено, а едно е критично повредено во денешниот израелски напад со беспилотно летало врз автомобил во Јужен Либан, и покрај договорот меѓу САД и Иран, јавија либанските државни медиуми.
Кабинетот на израелскиот премиер сè уште нема издадено официјално соопштение за тврдењата.
- Договорот меѓу Иран и САД -
Иран и САД во неделата објавија дека постигнале меморандум за разбирање од 14 точки преку преговарачки процес со посредство на Пакистан, со цел ставање крај на војната и решавање на споровите преку разговори.
Меморандумот, познат како Исламабадски меморандум, стапи на сила откако беше електронски потпишан денес од страна на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан и Трамп.
Договорот вклучува одредби за завршување на војната, вклучително и нападите врз Либан, повторно отворање на Ормускиот Теснец и укинување на американската поморска блокада врз Иран.
По потпишувањето на меморандумот, се очекува страните да започнат 60-дневен преговарачки процес за прашања, меѓу кои и нуклеарната програма на Иран и укинувањето на санкциите, во обид да се постигне конечен договор.