Esra Tekin
02 Март 2026•Ажурирај: 03 Март 2026
ИСТАНБУЛ (AA) – Иран погодил најмалку шест американски воени локации на Блискиот Исток откако Вашингтон и Тел Авив започнаа напади врз Иран во саботата, објави весникот „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на анализа базирана врз сателитски снимки, верификувани видеа и изјави на американски воени претставници.
Не е познато колку проектили или беспилотни летала биле истрелани, ниту колкав број од нив биле пресретнати. Сепак, нападите предизвикале загриженост за способноста на базите да се одбранат од евентуални нови напади.
Според извештајот, биле погодени воени локации во Бахреин, Ирак и ОАЕ, како и три локации во Кувајт.
Неколку згради биле оштетени или уништени, вклучително и сателитските комуникациски системи.
Американски официјални лица соопштија дека тројца припадници на вооружените сили биле убиени, а петмина сериозно се повредени при напад врз кампот „Арифџан“ во Кувајт. За овој напад, според извештајот, не се појавиле фотографии.
На другите пет локации не се пријавени жртви или повредени.
Меѓу погодените локации се наоѓаат главен поморски штаб, воени кампови, воздухопловни бази во кои се стационирани американски сили, како и рекреативен објект на морнарицата.
Степенот на штета варира во зависност од локацијата.
Во саботата Иран го погодил седиштето на Петтата флота на американската морнарица во главниот град на Бахреин, Манама, предизвикувајќи значителна материјална штета на повеќе локации.
Според верификувани видеа, базата била цел на ракетни напади и напади со беспилотни летала, а за време на нападот во пристаништето речиси немало воени бродови.
На сателитските снимки од неделата се гледало дека биле уништени два сателитски комуникациски терминала, додека неколку големи објекти во рамките на штабот биле сериозно оштетени или целосно срамнети со земја.
Во Кувајт, фотографиите направени вчера попладне покажале урнати покриви на повеќе локации во воздухопловната база „Али ал-Салем“, по извештаите за ирански напад претходниот ден.
Снимките и фотографиите потврдени од „Њујорк тајмс“ сугерираат дека Иран повеќепати целел кон воената инсталација на меѓународниот аеродром во Ербил, во Ирак, каде што се стационирани американски сили, во текот на саботата и неделата.
Од областа се издигнувале чад и пламен, а сателитските снимки од неделата наутро покажале дека четири објекти во еден дел од базата биле оштетени или уништени, а пожарите гореле и во раните часови денес.
Во меѓувреме, сателитските снимки од пристаништето Џебел Али во Дубаи од неделата покажале чад што се издигнува од голем објект во рамките на оградена рекреативна зона на американската морнарица.
Иако не станува збор за официјална американска база, Џебел Али е меѓу најчесто користените пристаништа од морнарицата.
Видео што беше споделувано во голем број, снимено во кампот „Буеринг“ во Кувајт во неделата, прикажува беспилотно летало што лета над објектот пред да експлодира во нејзиниот периметар. Прецизната точка на удар и обемот на штетата засега остануваат непотврдени.