Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
09 Јуни 2021•Ажурирај: 10 Јуни 2021
АНКАРА (АА) - Вицепремиерот на Латвија, Артис Пабрикс, ги пофали односите со Турција, велејќи дека Латвија ќе ги разгледа производите што Турција ги има на располагање во одбранбениот сектор, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во разговор со АА, Пабрикс, кој ја извршува и функцијата министер за одбрана на Латвија, рече дека неговата последна посета на Турција била за „продлабочување на политичките, воените, индустриските и секако човечките односи“.
Тој истакна дека неговата посета има за цел да се најдат можности за билатерална соработка во одбранбената индустрија, како и да се сретне со неговиот турски колега, Хулуси Акар, и со, како што рече тој, „мојот стар пријател“ Мевлут Чавушоглу, турскиот министер за надворешни работи.
Пабрикс кажа дека би сакале да добијат демо-производи од турските производи и да разговараат за можните заеднички истражувања и развој.
„Би рекол како следен чекор би било да се информираме повеќе за производите што ги нудат турската Влада и турските компании... „Бајкар“ [турскиот дрон] имаше голем успех... особено во неодамнешната војна меѓу Азербејџан и Ерменија, покажувајќи ги високите квалитети на оваа технологија“, додаде тој.
„Тој, исто така, изрази волја и за билатерално воено присуство... во балтичките земји, ние ја имаме групата „Зајакнато истурено присуство“ на НАТО-земјите што ни помагаат и ја чуваат нашата заедничка граница. Значи, и Турција е добредојдена да ни се придружи, доколку сака.“
Пабрикс рече дека Турција и Латвија одржуваат добри односи како „многу добри сојузници на НАТО“. „И двете сме погранични земји. Ние сме реалисти. Ги разбираме предизвиците на 21 век“, нагласи тој.
За односите на Турција со ЕУ, чија членка е Латвија, вицепремиерот рече дека мислењата се разликуваат помеѓу народите, политичарите и партиите.
„Како политичар, секогаш ги поддржував турските барања да стане членка на ЕУ“, рече Пабрикс. „Ако некоја земја сака да се приклучи на ЕУ, треба да ѝ биде дозволено слободно да конкурира... доколку земјата ги исполнува стандардите, како што направивме ние во 2004 година, тогаш е добредојдена.“
Латвискиот вицепремиер ја коментираше и одлуката на Парламентот на Латвија за нарекување на настаните од 1915 година како „геноцид“ и рече: „Јас лично сметам дека тоа не беше правилна одлука. Ова им го кажав и на нашите парламентарци и на мојата партија.“
Ставот на Турција во врска со настаните од 1915 година е дека смртта на Ерменците во источна Анадолија се случила кога одреден дел од нив застанале на страната на руските освојувачи и се побуниле против османлиските сили. Последователното преместување на Ерменците резултирало со голем број жртви.
Турција се противи на претставувањето на овие настани како „геноцид“, туку како трагедија во која двете страни претрпеле жртви.
Анкара континуирано предлагаше формирање заедничка комисија на историчари од Турција и Ерменија, како и од меѓународни експерти, за разгледување на ова прашање.
Нагласувајќи дека одлуката на Парламентот на Латвија „нема правна вредност“, тој додаде: „Ова е политичка декларација и мојот личен став е дека ако сакаме да даваме политички декларации за други места и други земји, подобро да се концентрираме на денешните прашања преку што можеме да им помогнеме на народите денес.“
Тој изрази надеж дека парламентарната одлука нема да влијае на односите и соработката меѓу Турција и Латвија.
Пабрикс најави и назначување постојан воен аташе во Анкара од ова лето.