Faisal Mahmud
18 Септември 2026•Ажурирано: 18 Септември 2026
Малезискиот крал, султан Ибрахим, денес одобри условно помилување на поранешниот премиер Наџиб Разак, со што му овозможи остатокот од затворската казна да го отслужи во домашен притвор до август 2028 година, јавува Анадолу.
Одлуката била донесена на 64. седница на Одборот за помилувања за федералните територии Куала Лумпур, Лабуан и Путраџаја во палатата Истана Негара, објави државната новинска агенција „Бернама“.
Помилувањето е условено со тоа Наџиб да плати парична казна од 50 милиони малезиски рингити (12,3 милиони долари). Исто така, тој мора да ги почитува условите утврдени со наредбата, во спротивно помилувањето може да биде повлечено.
Наџиб, кој сега има 73 години, се наоѓа во затворот „Каџанг“ од 23 август 2022 година откако Федералниот суд на Малезија ја потврди неговата осудителна пресуда во случајот за корупција поврзан со „СРЦ Интернешнал“, поранешна единица на државниот инвестициски фонд „1Малезија Девелопмент Берхад“ (1МДБ).
Во 2020 година тој беше осуден по седум точки од обвинението за злоупотреба на положбата, кривично прекршување на довербата и перење пари, поврзани со 42 милиони рингити (10,3 милиони долари) пренесени од „СРЦ Интернешнал“ на неговите сметки. Случајот е широко познат како корупцискиот скандал со 1МДБ.
Наџиб првично беше осуден на 12 години затвор. Во 2024 година Одборот за помилувања, под раководство на претходниот крал, ја преполови неговата затворска казна на шест години, со што неговото планирано ослободување беше поместено за 23 август 2028 година.