Ayhan Şimşek
26 Ноември 2026•Ажурирано: 26 Ноември 2026
Германскиот канцелар Фридрих Мерц денес го отфрли најновиот предлог за долгорочниот буџет на Европската Унија, барајќи дополнителни намалувања и исклучувајќи ново задолжување, додека лидерите започнаа разговори во Брисел, јавува Анадолу.
„Предлозите што во моментов се на маса не претставуваат основа за договор. Вкупниот износ сè уште е превисок“, изјави Мерц пред новинарите при пристигнувањето.
„На Европа ѝ се потребни здрави финансии. Не можеме и не смееме да преземаме дополнителни задолжувања во рамките на Европската Унија.“
Мерц инсистираше буџетот за периодот 2028-2034 година јасно да ги стави во приоритет суштинските задачи што ги зајакнуваат одбранбените способности на Европа и обезбедуваат континуирана поддршка за Украина.
„Вие сте запознаени со мојот став: Мора да обезбедиме Украина и во годините што следуваат да продолжи да добива доволно поддршка“, нагласи тој.
„Тоа опфаќа и воена и хуманитарна помош – особено хуманитарниот аспект не треба да се потценува бидејќи е од витално значење.“
Европската комисија во јули првично предложи пакет од 1,985 билиони евра. Тој план беше отфрлен од Германија и од неколку други богати земји членки.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во меѓувреме предложи компромисен пакет во вредност од 1,781 билион евра. И по намалувањата, пакетот би бил речиси 50 проценти поголем од актуелната финансиска рамка за периодот 2021-2027 година.
Според известувањата на германските медиуми, Берлин бара првичниот предлог на Европската комисија да биде намален за околу 400 милијарди евра, со што вкупниот износ би се приближил до 1,59 билиони евра. Тоа би значело дополнително намалување од околу 200 милијарди евра (219 милијарди долари) во однос на актуелниот нацрт на Коста.