Mohammad Sıo
28 Април 2026•Ажурирај: 28 Април 2026
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес се појави пред Окружниот суд во Тел Авив, по 81. пат од почетокот на неговиот судски процес во 2020 година, со цел да одговори на обвиненијата за корупција што се поднесени против него, јавува Анадолу.
По пауза од речиси два месеца ова е прво појавување на Нетанјаху на судското рочиште, односно од почетокот на војната со Иран на 28 февруари.
Нетанјаху требаше вчера да се појави пред судот, но побара рочиштето да биде одложено поради „безбедносните причини“, пред да одржи безбедносни консултации поврзани со војната во Либан.
Израелскиот дневен весник „Маарив” објави дека Нетанјаху e во завршната фаза од своето сведочење, и дека веќе сведочел на судски рочишта повеќе од 80 денови.
Според обвинителството, му остануваат уште околу 11 денови за сведочење, покрај краткото дополнително испрашување од страна на неговите бранители.
„Во изминатите две недели, на негово барање, сослушувањата беа откажани, а од почетокот на војната со Иран тој воопшто не сведочеше и покрај тоа што во тек беа сите судски рочишта во Израел”, се наведува во весникот.
Нетанјаху треба да сведочи во Случај 4000, во кој е обвинет за примање поткуп, измама и злоупотреба на службената положба, пренесува весникот.
Според обвинителниот акт, Нетанјаху бил во коруптивна релација со бизнисменот Шаул Елович, поранешен сопственик на порталот „Вала”. Нетанјаху и неговото семејство се обвинети дека упатувале разни барања за поволно медиумско известување и барале супресија на политичките ривали.
Судските рочишта се одвиваат во време на политички несогласувања во Израел, по изјавите дека Нетанјаху побарал помилување од израелскиот претседател Исак Херцог.
На 30 ноември Нетанјаху поднел барање за помилување без да ја признае вината и без да се повлече од политичкиот живот.
Од почетокот на судењето во 2020 година Нетанјаху ги негира сите обвиненија, опишувајќи ги како „политички мотивирана кампања”, чија цел е негово отстранување од функцијата.
Израелското законодавство не дозволува помилување од претседателот без претходно признавање на вината.
Нетанјаху се соочува со обвиненија за корупција, примање поткуп и злоупотреба на службената положба во три одделни предмети познати како Случај 1000, Случај 2000 и Случај 4000, за кои обвинителните акти се поднесени во ноември 2019 година.
Во Случај 1000 премиерот и членови на неговото семејство се обвинети за примање поткуп од моќни бизнисмени во форма на луксузни подароци во замена за услуги.
Случај 2000 опфаќа тврдења дека Нетанјаху водел преговори со Арнон Мозес, издавач на весникот „Једиот Ахронот”, со цел да обезбеди поволно медиумско известување.
Судскиот процес за овие предмети започна во 2020 година и сè уште е во тек.
Покрај обвиненијата за корупција, Нетанјаху од 2024 година се соочува и со меѓународна правна битка, имено Меѓународниот кривичен суд (МКС) го товари за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа, каде што повеќе од 72.000 Палестинци се убиени во жестоките израелски напади што започнаа во октомври 2023 година.