Erkan Avci
23 Август 2016•Ажурирај: 24 Август 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Потпаролот на Белата Куќа Џош Ернест, изјави дека владата во Москва треба да ја смени стратегијата во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Ернест нa дневниот брифинг одговараше на прашањата поврзани со граѓанската војна во Сирија, којашто трае повеќе од 5 години.
На прашањето во врска со воената поддршка на Русија за сирискиот режим, Ернест истакна дека хаосот во Сирија уште повеќе ќе се продлабочи и дека е тешко да се поверува оти Русија војува со ДАЕШ и другите радикални групации.
Ернест истакна дека уште од почетокот руската политика кон Сирија е во контрадикторност со активностите во оваа земја и дека ова им било кажано неколкупати.
„Русите треба да ја сменат стратегијата”, рече тој.
Ернест потсети дека за реализирање на нападите во Сирија, руските авиони ја користат воздухопловната база во Иран. Во врска со ова тој истакна дека претседателот Барак Обама и многу други американски официјални лица ја предупредиле Русија дека секташката војна во Сирија ќе им „наштети” на напорите за политичко решение.
Ернест потсетувајќи за загриженоста од поддршката од страна на Иран и Русија за режимот на Асад, посочи дека „оваа поддршка е штетна. Штетна е за целите на Русија, во спротивност е со целите на САД, и е штетна за светот којшто ги гледа негативниот исход на внатрешниот хаос во Сирија”.