Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
05 Март 2024•Ажурирај: 06 Март 2024
ТОРОНТО (АА) - Претседателот на Генералното собрание на ОН, Денис Франсис, вчера изјави дека ситуацијата во блокираниот Појас Газа е катастрофална, несовесна и срамна, известува Анадолу.
Зборувајќи на дебатата за ветото на САД дадено на 20 февруари на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, Франсис изрази запрепастување и рече дека е згрозен од пријавените убиства и повреди на стотици луѓе додека чекале во ред да им се подели храната.
Во четвртокот израелските сили пукаа врз Палестинците што чекаа хуманитарна помош на кружниот тек во Ал Наблус на улицата Ал Рашид, главната крајбрежна улица западно од градот Газа, во кој се убиени најмалку 112 Палестинци, а 760 се ранети.
Според првичната истрага на израелската војска, Палестинците се приближиле до воениот контролен пункт што го надгледувал влезот на камионите, а војниците испукале истрели за предупредување и пукале во нозете на Палестинците кои продолжиле да се движат кон израелските трупи.
Истакнувајќи дека безброј семејства исчезнале во Газа, Франсис ги цитираше и зборовите на координаторот на ОН за итна помош, Мартин Грифитс и рече дека секоја израелска копнена операција во Рафа дополнително би ја продлабочила веќе постојната хуманитарна криза.
„Затоа итно повикувам на максимална воздржаност за да се спасат животите на недолжните цивили“, порача Франсис.
Повикувајќи ги земјите членки на ОН да „работат многу повеќе на итен прекин на судирите, претседателот на Генералното собрание на ОН, исто така, повика на вложување напори за решавање на блискоисточната криза врз база на воспоставување две држави.
Што се однесува на привремениот прекин на огнот, Франсис рече дека тоа би овозможило заложниците да се вратат дома и да се запре ширењето на страдањето на толку многу палестински деца, жени и мажи.
„Работиме на забрзана хуманитарна поддршка на палестинскиот народ и продолжуваме неуморно да дејствуваме со директна дипломатија и преговори на терен“, заклучи Франсис.