Davit Kachkachishvili
26 Февруари 2019•Ажурирај: 27 Февруари 2019
ТБИЛИСИ (АА) - Претседателот на Владата на Грузија, Мамука Бахтадзе, изјави дека Грузија нема дипломатски односи со Русија, и дека нема ниту да ги има сѐ додека таа не престане со окупацијата на грузиската територија, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Бахтадзе одговараше на новинарски прашања во Тбилиси, пред почетокот на состанокот на министрите во Владата на Грузија.
На прашањето за односите на Грузија со Русија, Бахтадзе рече дека Грузија нема дипломатски односи со Русија, односно дека Москва и Тбилиси имаат дијалог само во рамките на меѓународните преговори во Женева и на Механизмот за превенција на хуманитарните судири. Како што рече, станува збор за односи кои имаат само економска и хуманитарна димензија.
Истакна дека Русија продолжува со политиката на окупацијата во Грузија, и дека поради тоа не е можно повторно воспоставување на дипломатски односи со таа земја.
„Ние немаме дипломатски односи со Руската Федерација и нема да ги имаме сѐ додека трае руската окупација на нашата територија. Тоа е нашиот темелен пристап“, нагласи Бахтадзе.
Грузија и Русија водеа кратка војна во август 2008 година поради контролата над отцепените региони Абхазија и Јужна Осетија. Грузија ја изгуби војната, Абхазија и Јужна Осетија прогласија независност, а Русија ги призна во август 2008 година.
По овој потег на Русија, Грузија ги прекина сите дипломатски односи со Москва.