Şilan Turp,Dilara Karataş
28 Јули 2025•Ажурирај: 29 Јули 2025
АНКАРА (АА) - Малезискиот премиер Анвар Ибрахим објави дека е постигнат договор меѓу Тајланд и Камбоџа за итен и безусловен прекин на огнот што ќе стапи на сила во 00:00 часот по локално време, известува Анадолу.
Камбоџискиот премиер Хун Манет и тајландскиот заменик-премиер Фумтам Вечајачаи се сретнаа во главниот град Куала Лумпур, со малезиско посредништво, за да разговараат за тензиите на нивната граница.
Малезискиот премиер Анвар објави дека по разговорите страните постигнале договор за „итен и безусловен“ прекин на огнот што ќе стапи на сила во 00:00 часот по локално време.
- Гранични тензии меѓу Тајланд и Камбоџа
Тајланд и Камбоџа, кои се наоѓаат во Југоисточна Азија, имаат заедничка граница во должина од 817 километри поделена со заштитна жица и се во долгогодишен територијален спор.
Поради прекршувањето на договорот за границата меѓу Тајланд и Камбоџа, на 28 мај избувна краток судир во регионот. Војските на двете земји се согласија проблемот да го решат мирно.
Речиси два месеца подоцна, на 24 јули избувнаа судири по должината на границата, што резултираше со смрт на 32 лица од двете земји.
Во објава на својот профил на Truth Social вчера американскиот претседател Трамп изјави дека разговарал со страните и дека двете земји одлучиле веднаш да се сретнат за да работат на прекин на огнот и, на крајот, мир.
Од друга страна, по изјавите на Трамп, продолжија меѓусебните напади по должината на границата.