Ahmet Salih Alacaci
17 Јули 2026•Ажурирано: 17 Јули 2026
Американскиот претседател Доналд Трамп бил „лут“ од јавната критика на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за предложената продажба на борбени авиони Ф-35 на Турција од страна на САД, објави новинската страница „Аксиос“, пренесува Анадолу.
Повикувајќи се на двајца претставници од Белата куќа, медиумот објави дека не е закажана средба и покрај јавувањата во израелските медиуми дека Трамп ќе биде домаќин на Нетанјаху во понеделник.
Едниот претставник рекол дека Трамп бил лут од коментарите на Нетанјаху за време на интервјуто за „Фокс њуз“ кратко пред американскиот претседател да отпатува во Анкара за Самитот на НАТО на 7 и 8 јули.
Другиот претставник истакнал дека Трамп смета оти Нетанјаху „нема право“ да интервенира во предложената продажба на оружје.
Израелскиот премиер наводно барал средба со Трамп повеќе од две недели. Тој ја посети Овалната соба шестпати откако Трамп се врати на функцијата во јануари 2025 година.
Јавувањата во израелските медиуми покажуваат дека Нетанјаху планирал да отпатува во Вашингтон овој викенд за да присуствува на погребот на починатиот сенатор Линдзи Греам и да се сретне со Трамп во понеделник.
Патувањето беше откажано вчера откако беше одложена погребната служба за Греам, соопшти Кабинетот на Нетанјаху.
Двајцата претставници на Белата куќа наводно рекле дека Нетанјаху сакал да се види со Трамп, но дека никаква средба не е потврдена или ставена во распоредот на претседателот.
„Нашиот впечаток беше дека Биби се обидуваше да организира состанок“, цитираше „Аксиос“ изјава на официјален претставник.
„Аксиос“ објави дека претставниците на Белата куќа не ја исклучиле можноста за средба кога Нетанјаху ќе отпатува во Вашингтон за комеморацијата за Греам.
Одложувањето доаѓа во услови на растечки тензии меѓу администрацијата на Трамп и Владата на Нетанјаху околу војната со Иран.
Наводите доаѓаат откако американскиот потпретседател Џ.Д. Венс во средата посочи дека членовите на израелската Влада се обидуваат да ги поткопаат дипломатските напори на Вашингтон со Техеран во обид да ја продолжат воената кампања.