АНКАРА
Туркиските држави во светот треба да се обединат и да ги здружат силите, слично на ЕУ, изјави азербејџанска академска и политичка активистка во интервју за Агенција Анадолија (АА).
Јашаман Каракојунулу, членка на Азербејџанската национална академија на науки и претседателка на Движењето „Цел Азербејџан“ во интервјуто изјави дека во вторникот 11 политички партии и фигури од јавниот живот, вклучително и таа самата, потпишале декларација со предлог обединување на туркиските држави низ светот.
Таа рече дека во декларацијата се повикува на Договорот за стратешки воен сојуз меѓу Азербејџан и Турција, истакнувајќи дека „терористичко-сепаратистичкиот режим“ на Ерменија во окупираните територии на Азербејџан претставува „реална и отворена закана“ за интересите не само на Азербејџан, туку и на Турција.
Додека се залага за меѓусебно распоредување на воените бази во двете земји, декларацијата, исто така, повикува на интензивирање на преговорите со другите туркиски држави за унапредување и проширување на единството и на крајот, постигнување на воспоставување Туркиска унија, слична на моделот на ЕУ.
„Теоретските основи на идејата за обединување на туркискиот свет датираат од почетокот на 20 век“, рече таа, додавајќи дека Болшевичката револуција и политиките на Русија спречуваат реализација на идејата.
„Но, со распадот на поранешниот Советски Сојуз, идејата за единство се појави уште еднаш“, рече таа.
Каракојунлу рече дека денес има многу организации кои работат за интеграција на туркискиот свет, вклучувајќи ги Туркискиот совет, Меѓународната организација на турската култура, Фондацијата за турска култура и наследство, Туркискиот деловен совет, Меѓународната академија на Турците, Унијата на туркиските универзитети и други.
„Сепак, овие организации не се доволни за процесот на интеграција на туркискиот свет“, рече таа, истакнувајќи дека врз основа на заедничкиот турски јазик, тие треба да бидат создадени врз основа на заедничката образовна политика, туризам, економија, култура и животна средина, „каде што нациите можат да се обединат“.
Не само организациите и владите, туку и луѓето и невладините организации мора да работат напорно, така што „туркискиот народ географски разделен може да се обедини и да стане една нација“, рече таа.
„Воспоставувањето заедничка армија и економија е главен услов за единство.“
„Доколку се воспостави Туркиска унија, може да се следи заедничка безбедносна доктрина и политика против голем број земји кои му се закануваат на туркискиот свет“, рече Каракојунулу.
„Воспоставувањето граници на унијата ’од Јадран до Кина‘ ќе биде од корист на државите и ќе им помогне на тие земји да заземат заеднички став против заканите“, додаде.
- Глобална арена -
Според Каракојунулу, „Светската шаховска табла“ е сведок на три процеси во последните 30 години.
„Со распадот на Советскиот Сојуз, на биполарниот свет му дојде крајот.“
„Конструкцијата на униполарен свет, под раководство на САД преку процесот на глобализација, започна, но сè уште не е завршена“, нагласи Каракојунулу.
„Глобалните сили со различни култури, како што се Кина, Русија, Иран, Малезија, Индонезија, Јапонија, Индија и Пакистан, од друга страна го започнаа процесот на градење на мултиполарен свет“, рече таа.
„Изградбата на мултиполарен свет би била можна со трансформација на државите во суперсили врз основа на повеќе критериуми како што се религијата, јазикот и културата. Затоа туркискиот свет мора да се обедини под водство на Турција за земјата да стане глобална суперсила“, додаде.
„Дваесет и првиот век ќе се заснова не на меѓудржавни односи, туку на цивилизации и меѓукултурни односи“, рече Каракојунулу, додавајќи дека во овој нов систем, туркискиот свет мора да дејствува како единствена сила, „супер-социокултурен систем и моќ“.