Hakan Çopur
09 Август 2021•Ажурирај: 10 Август 2021
ВАШИНГТОН
И покрај тоа што бројот на градови освоени од талибанците во Авганистан се зголеми на 5, соопштено е дека американскиот претседател Џо Бајден ќе продолжи со повлекување од Авганистан според планираното, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста на „Њујорк тајмс“, што се базира на неименувани високи претставници, Белата куќа не размислува за ревизија на својот план за Авганистан.
Се истакнува дека администрацијата во Вашингтон ќе остане лојална на планот за повлекување и дека официјалните лица внимателно ги следат случувањата во градот Кундуз.
Високите официјални претставници исто така изјавија дека извршени се само ограничени воздушни напади врз талибанците, но дека не се очекуваат посеопфатни чекори подалеку од тие напади.
Во изјавата за весникот, официјален претставник наведе дека околу 650 американски војници останале во Авганистан и дека планот за повлекување продолжува како што е утврдено претходно.
Бројот на покраински центри во кои авганистанските владини сили ја загубија контролата се зголеми на 5 откако градот Талукан и центарот на провинцијата Тахар беа заземени од талибанците.
Од друга страна, талибанците тврдат дека контролираат повеќе од 80 проценти од територијата на Авганистан.
Воените активности на САД, кои одвреме-навреме ја поддржуваат авганистанската Армија со воени авиони, ќе завршат на крајот на овој месец.
Според податоците на Обединетите нации (ОН), повеќе од илјада цивили ги загубија животите во нападите на талибанците во последниот месец.
Независната авганистанска комисија за човекови права соопшти дека приближно 1 милион цивили биле раселени од своите домови од почетокот на мај до август.