Umar Farooq
20 Ноември 2018•Ажурирај: 21 Ноември 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп продолжува да го брани саудискиот принц Мухамед бин Селмен, и покрај доказите дека е одговорен во случајот за убиството на саудискиот новинар на „Вашингтон пост“ (The Washington Post), Џамал Кашоги, објави „Њујорк тајмс“ (The New York Times), пренесува Anadolu Agency (AA).
„Њујорк тајмс“ напиша дека Трамп ја нарекол Саудиска Арабија „вистински спектакуларен сојузник“, што претставува директен контраст на неговите претходно упатени критики до Кралството поради „најлошото прикривање во историјата“.
Откако ЦИА издаде соопштение во кое се заклучува дека Селман го наредил убиството, Трамп изјави дека тој ќе ја чека неговата администрација да достави свој извештај пред да даде какви било коментари и да упати обвинувања до некого.
„За г. Трамп е доволно тоа што преку телефонски разговор принцот Мухамед му негираше каква било вмешаност“, пишува „Тајмс“.
Весникот истакна дека ставот на Трамп во врска со Кашоги станува сѐ повеќе изолиран, и дека Европската Унија бара јасни одговори за тоа што се случило со саудискиот новинар, па дури и Израел, кој има стратешки односи со Саудиска Арабија, не го брани принцот вербално.
Колумнистот на весникот „Вашингтон пост“ убиен е на 2 август во објектот на саудискиот Конзулат во Истанбул. Турското Обвинителство откри дека Кашоги е задавен веднаш по влегувањето во Конзулатот, и дека неговото тело е исечено на парчиња и уништено.
Властите на Саудиска Арабија подоцна признаа дека Кашоги е убиен, а дека не го напуштил Конзулатот, како што првично тврдеа.
Ставот на Трамп во врска со ова прашање, исто така, се соочува со отпор во законодавното тело на САД.
„Сѐ укажува на тоа дека саудискиот принц Мухамед бин Селман го наредил убиството на новинарот на „Вашингтон пост“ Џамал Кашоги“, изјави Боб Коркер, шефот на Комитетот за надворешни односи на Сенатот.
Претседателот нагласи дека ветувањето на Саудиска Арабија дека ќе купи оружје во вредност од 110 милијарди долари создало работни места за американскиот народ. Сепак, „Тајмс“, цитирајќи аналитичари за одбрана, пишува дека за продажба биле резервирани само околу 14,5 милијарди долари.
Трамп, исто така нагласи дека САД го суспедирале полнењето на гориво во воздух на саудиските авиони во јеменската војна и поставиле санкции за 17 саудиски државјани кои се вмешани во злосторството со Кашоги.
„Истовремено, ние имаме сојузник, и сакам да се држам до сојузникот кој на многу начини беше многу добар“, изјави тој.
„Tајмс“ напиша дека и покрај одбраната на Трамп на Бин Селман, Белата куќа ќе го искористи инцидентот со Кашоги за да ја прекине војната во Јемен, што ќе ги смири американските законодавци кои повикуваат на ставање крај на војната.
„Сепак, посветеноста на Трамп на Бин Селман не е колеблива, затоа што принцот стана потпора на стратегијата на американската администрација на Блискиот Исток“, објави „Tајмс“.