Meiramgul Kussainova
25 Јуни 2021•Ажурирај: 26 Јуни 2021
НУР СУЛТАН
Шеснаесеттиот круг на преговори во Астана за Сирија ќе биде одржан на 7 и 8 јули во казахстанскиот главен град Нур Султан, се соопштува од Министерството за надворешни работи на Казахстан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во изјавата Министерството соопшти дека се очекува делегациите од земјите гаранти Турција, Иран и Русија, заедно со сириската Влада и сириските вооружени опозициски групи, да присуствуваат на меѓународниот состанок на високо ниво за Сирија.
„Високите претставници на Обединетите нации, Јордан, Либан и Ирак ќе учествуваат во разговорите како набљудувачи“, се додава во соопштението.
Шеснаесеттиот состанок на мировниот процес во Астана беше одложен поради пандемијата на Ковид-19.
Состанокот ќе се фокусира на ситуацијата на терен во Сирија, социоекономските и санитарно-епидемиолошките прашања, меѓународната хуманитарна помош за Сирија, проспектите за продолжување на работата на Сирискиот уставен комитет во Женева, мерките за градење доверба вклучувајќи размена на затвореници, ослободување заложници и потрага по исчезнати лица.
„Дополнително, како дел од разговорите во Астана, ќе се одржи состанокот на Работната група за присилно притворени лица со учество на земјите гаранти, ОН и експерти од Меѓународниот комитет на Црвениот крст (ICRC)“, се додава во соопштението.
Сирија е заробена во жестока граѓанска војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал Асад презеде мерки со неочекувана свирепост против продемократските протести.
Во текот на изминатата деценија, околу половина милион луѓе беа убиени, а повеќе од 12 милиони мораа да ги напуштат своите домови.