Ekip
30 Декември 2021•Ажурирај: 31 Декември 2021
РАМАЛА
Палестинскиот претседател Махмуд Абас оствари телефонски разговор со неговиот руски колега Владимир Путин за најновите случувања во палестинската кауза, јавува палестинската државна новинска агенција ВАФА, пренесува Агенција Анадолија (АА).
ВАФА објави дека телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери бил фокусиран на најновите случувања во палестинската кауза, како и на начините за зајакнување на истакнатите билатерални односи меѓу двете пријателски земји и народи.
Абас ја повтори потребата од политички пат за решавање на палестинското прашање „заснован на резолуциите за меѓународна легитимност и неопходноста од одржување состанок на Меѓународниот комитет на квартетот на министерско ниво“.
Меѓународниот комитет на квартетот за блискоисточниот мировен процес беше формиран во 2002 година и ги вклучува Русија, САД, ЕУ и ОН.
Абас, исто така, ја истакна „важноста од запирање на едностраните израелски практики на населување (проширување), конфискација на земјиште, уривање домови, депортирање на Палестинците од Ерусалим, злоупотреба на затвореници и запирање на тероризмот на (израелските) доселеници“.
„Продолжувањето на овие израелски мерки ќе предизвика ситуацијата да „експлодира““, предупреди тој.
Абас рече дека отсуството на политички пат за палестинската кауза и израелското отфрлање на дводржавното решение, заедно и со „гушењето на палестинската економија“ нема да останат нерешени.
Тој вети дека ќе донесе „решителни“ одлуки за гореспоменатите израелски мерки „особено кога сме на прагот да одржиме важен состанок на Централниот совет на Организацијата за ослободување на Палестина“.
„Абас и Путин се согласија за продолжување на контактите меѓу двете страни за сите прашања од заеднички интерес“, додаде ВАФА.
Мировните преговори меѓу Палестинците и Израел се заглавени од април 2014 година, поради одбивањето на Тел Авив да го запре градењето населби, да ги ослободи палестинските затвореници и да избегне дводржавно решение.