Hamdi Yıldız
07 Февруари 2022•Ажурирај: 08 Февруари 2022
РАМАЛА
Палестинскиот претседател Махмуд Абас изјави дека Палестинците мора да го интензивираат „мирниот народен отпор“, известува Агенција Анадолија (АА).
„Мора да се прошири мирниот народен отпор за да се заштити нашето постоење и идентитет“, рече Абас во обраќањето на отворањето на 31-та седница на Централниот совет на Палестинската ослободителна организација (ПЛО) во Рамала, Западниот Брег.
Истакнувајќи ја потребата од преиспитување на целокупната моментална ситуација, Абас ја истакна важноста од заштита на палестинскиот народ и неговите интереси.
Тој посочи и дека воопшто не е можно еднострано да се спроведуваат какви било договори.
„Продолжувањето на контактите со израелската страна не може да биде алтернатива на политичкото решение засновано на меѓународен легитимитет“, додаде Абас.
Изразувајќи задоволство од извештајот на Амнести интернешнал во кој се наведува дека Израел е режим на апартхејд, Абас ова го опиша како важен чекор.
Повторувајќи го својот повик за меѓународна мировна конференција, Абас ја нагласи потребата од меѓународна заштита на палестинскиот народ.