Mustafa Melih Ahıshalı
19 Септември 2021•Ажурирај: 20 Септември 2021
КАБУЛ (АА) - Авганистанските трговци велат дека безбедносната состојба во земјата е добра, но дека економската ситуација и понатаму е уште лоша, јавува Агенција Анадолија (АА).
Талибанското движење на 15 август ја презеде контролата во Авганистан, а Ахмед Первиз, шеф на Занаетчиската комора на „Аријана гранд базар“, во кој се наоѓаат околу 350 продавници, рече дека се надева на посветла иднина.
Критикувајќи ја големата корупција и кражба пред талибанците да ја преземат контролата врз Авганистан, Первиз рече дека ситуацијата сега е добра.
„Но, постои проблем со економската положба на луѓето. Се надевам дека ќе се подобри со текот на времето“, рече Первиз, и изрази надеж дека талибанската администрација повеќе ќе се фокусира на младите.
Истакнувајќи дека е неопходно да се пронајде решение за невработеноста во Авганистан, Первиз смета дека талибанците ги освоиле срцата на луѓето затоа што ја осигуриле безбедноста во земјата, но дека мора да ја поправат економијата.
Продавачот на ткаенини Инајетула Тахир вели дека не може да продаде ништо цела една недела и очекува талибанците да создадат можности за вработување на луѓето.
„Сега ситуацијата во Авганистан е многу добра. Во претходната влада луѓе беа убивани за 10.000 авгани (117 долари) и мобилен телефон во џебот. Имаше раширени случаи на злоупотреба и насилства. Сега немаме безбедносни проблеми“, рече Тахир.
Хан Мухамед Ајуби, кој веќе 18 години е трговец во Големата чаршија во Кабул, нагласи дека заживувањето на пазарот зависи од странската помош.
„Трговијата низ целиот Кабул запре“, рече тој и додаде дека доколку дојде странска помош, тркалото ќе се сврти, како во владата на поранешниот претседател Ашраф Гани.
Нагласувајќи дека иднината на Авганистан сè уште не е јасна, Ајуби рече дека сегашната администрација е подобра од претходната.