Recep Şakar
22 Септември 2021•Ажурирај: 22 Септември 2021
МЕЛБУРН (АА) - Земјотресот од 5,8 степени според Рихтеровата скала во Австралија предизвика оштетувања на 46 згради во Мелбурн, главниот град на сојузната држава Викторија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Џејмс Мерлино, заменик-премиерот на Викторија, даде изјава во врска со земјотресот со интензитет од 5,8 степени според Рихтеровата скала во местото Менсфилд, околу 180 километри североисточно од Мелбурн, главниот град на државата Викторија, на длабочина од 10 километри.
Информирајќи дека земјотресот, за чиј интензитет првично беше објавено дека е 6,0 степени, а потоа коригиран на 5,8, предизвика оштетување на 46 згради во областите Кенсингтон, Аскот Вејл, Прахран, Балвин, Елстернвик, Норткот и Западен Мелбурн во Мелбурн, Мерлино истакна дека главно станува збор за мали оштетувања на зградите.
Наведувајќи дека хеликоптер работи на утврдувањето дали има други оштетувања во државата, предупредувајќи ги граѓаните да бидат внимателни од можноста на последователните потреси, Мерлино истакна: „Засега немаме извештаи за евентуални повредени лица.“
Вработените од некои канцеларии привремено ги напуштиле просториите по земјотресот што се случи утрото и предизвика страв во многу градови во сојузната држава Викторија, а поради интензитетот на земјотресот, паднале производите од полиците во маркетите.
Силниот земјотрес е почувствуван во австралиските држави Викторија, Нов Јужен Велс, Јужна Австралија и на територијата на главниот град на Австралија.
Во земјотресот со интензитет од 5,6 степени според Рихтеровата скала што се случи на 28 декември 1989 година во Њукасл во австралиската сојузна држава Нов Јужен Велс, животот го загубија 13 лица, а 160 беа повредени.