Recep Şakar
22 Септември 2021•Ажурирај: 23 Септември 2021
МЕЛБУРН (АА) - Во австралиската држава Викторија, каде што се преземаат строги мерки против делта-сојот на новиот тип коронавирус (Ковид -19), работниците во градежниот сектор ги продолжуваат протестите поради воведувањето на принудната вакцинација, јавува Агенција Анадолија (АА).
Веќе трет ден траат демонстрациите против одлуката на Владата на австралиската сојузна држава Викторија која во рамките на борбата против делта-сојот на коронавирусот, на две недели ги прекина активностите во градежниот сектор во градовите Мелбурн, Баларат, Џилонг, Сурф Коуст Шаир и Мичел Шаир и воведе задолжителна вакцинацијата за вработените.
Демонстрациите започнаа на 20 септември пред синдикатот под име Сојуз за градежништво, шумарство, поморство, рударство и енергија, кој ја поддржа владината одлука и продолжи групно во различни делови на Мелбурн.
Стотици демонстранти се собраа пред споменикот „Анзак“ во Мелбурн, извикувајќи слогани против премиерот на Викторија, Даниел Ендрјус, за кого сметаат дека е одговорен за одлуката за задолжителна вакцинација, носејќи транспаренти на кои пишуваше „Слобода!“, „Ставете им крај на забраните!“ и „Не за вакцинација!“
Полицијата на сојузната држава Викторија соопшти дека утрово се приведени поголемиот дел од протестантите што вчера учествувале на демонстрациите што започнале во помали групи, додавајќи дека нема да бидат толерирани оние што ги прекршуваат мерките против Ковид-19.
- Политичките лидери ги осудија протестите -
Скот Морисон, премиерот на Австралија, изјавувајќи дека се крајно вознемирувачки протестите кои прераснале во насилни, потенцира: „Ова е неприфатливо, особено затоа што граѓаните на Викторија се справуваат со полициски час и голем број други стресни фактори.“
Опишувајќи ги демонстрациите како „грди“, Даниел Ендрјус, премиерот на сојузната држава Викторија, изјави: „Тие беа таму за кавга, а не за протест. Не само што е застрашувачко, туку во исто време е и нелегално.“
Лиза Невил, министерката за полиција, користејќи ја фразата „разбојници“ за оние што учествувале на протестите, рече „Сите сакаме да завршат овие ограничувања, а она што го видовме вчера беа постапки на луѓе кои сакаат тоа да го ризикуваат.“
- Демонстрациите организирани од екстремно десничарски групи -
Џон Сетка, претседателот на Сојузот за градежништво, шумарство, поморство, рударство и енергија, наведе дека демонстрантите што се расправале со синдикалните водачи пред седиштето не се нивни членови и нагласи дека ги отфрлаат агресивните демонстрации, обвинувајќи ги „неонацистите и екстремните десничари“ како организатори на настаните.
Шејн Патон, шефот на полицијата во Викторија, истакнувајќи дека повеќето од демонстрантите не биле градежни работници, продолжи со зборовите: „На демонстрациите видовме групи луѓе од градежната индустрија, но имаше и такви кои ги поттикнуваа луѓето да облечат работничка облека и да се најдат во толпата под маската на работничка облека.
Патон, повикувајќи ги вработените во градежниот сектор да останат дома, информира дека на вчерашните демонстрации биле приведени 62 лица, вклучувајќи ги и оние што се судриле со полицијата.
Во целосна блокада е градот Мелбурн во кој продолжува борбата со делта-сојот на коронавирусот. Во градот, каде што демонстрациите беа забранети поради епидемијата, во последните 24 часа се дијагностицирани 628 лица позитивни на Ковид-19, а животот го загубија 3 лица како последица на Ковид-19.
Во последните 24 часа во Австралија се детектирани 1.681 случај на коронавирусот, додека починаа 8 лица заразени со Ковид-19.
Во Австралија досега се детектирани 90.391 случај на заразување со Ковид-19, од кои животот го загубија 1.186 заразени. Во моментов, во Австралија се активни 21.151 случај на заразување, од кои 292 се во критична состојба.